Не ми е баш јасно зошто, но јас сум еден од оние луѓе кои со текот на времето не стануваат попаметни, туку единствено стануваат свесни за тоа колку биле глупи во минатото.
Ќе помине година, месец или изборен циклус и веднаш од потсвеста ми испливува на површина мојата вродена глупоќа како потсетник на некоја сосем погрешна, да не речам глупа констатација за некои општествени, политички или обични бирократски прашања од секојдневието.
Така пред неколку дена добив и лекарска потврда за тоа дека сум глуп. И тоа од матичен лекар и од лекар специјалист. Со печат, со сè.
– Хахахахаххахахахаххахахах – во кратки црти вака некако гласеше реакцијата на медицинската сестра, на која ѝ реков дека треба да ми резервира термин кај специјалист во една од клиниките од Државната болница – сакаш термин – зачудено запраша сестрата – термин нема. Има за во Штип ако сакаш?
Ѝ објаснив дека немам намера да се прегледувам во Штип, па ја замолив да ми издаде приоритетен упат, со кој нели ќе мораат да ме примат на клиника, бидејќи самото име на упатот подразбира некаква приоритетност, а пред приоритетноста и лекарите молчат.
За џабе беа советите од добронамерната медицинска сестра дека упатот, кој колку и да е приоритетен нема ама баш никакво значење за административно-медицинската камарила во Државната болница, бидејќи јас мошне смело веќе наредниот ден се нацртав пред една од многубројните амбуланти и застанав на ред. Да ја скратам приказната, зошто нели погодувате дека повторно испаднав глуп? Да, глуп и непрегледан.
И нормално како и илјадници други здравствени осигуреници во Македонија, среќата си ја побарав во една од приватните клиники во Скопје. Како господин човек ме прегледаа, јас си ја платив услугата господски и проблемот се заврши.
Поентата е во тоа што додека ја напуштав зградата на приватната клиника, ме стигна уште една глупост од моето минато. Како камен од блиску, а сепак далеку. И така обременет со мијалковската дилема, ми текна дека на времето си мислев со промената на режимот, ќе се стави некаков ред во здравството. Тогаш едноставно не ми одеше во глава дека е нормално сопственици на дел од приватните болници во земјава да бидат луѓе за кои постои основано сомневање дека се длабоко влезени во корупција, криминал и кои на грбот на напатениот народ стекнаа огромни богатстава. Наивно мислев дека можеби на некого ќе му текне дека алатката „Мој термин“ е замислена како инкубатор за посредно финансирање на приватните болници. Тој што треба шест месеци да чека за преглед, ќе најде пари да плати за истиот и наместо на пролет, на доктор ќе отиде уште во вторник или најдоцна до наредната среда.
Општо прифатена максима е дека само уметност е вечна, но во мојот случај, само глупоста е единствената проверена константа. Со лекарско.