Џенифер Лопез и Бен Афлек ги кажаа своите завети пред семејството и пријателите на церемонија на имотот на Бен во Џорџија во саботата, објавија американски портали.
Тие се венчаа во Лас Вегас минатиот месец, а во текот на викендот беа домаќини на втора церемонија за своите сакани.
„Церемонијата заврши со бакнеж“, изјави извор за „Е! њус“.
За таа пригода, гостите на двојката беа облечени целосно во бело, совпаѓајќи со декорот на настанот, како што се гледа на фотографиите добиени од „Пејџ сикс“.
Во рамки на тридневната екстраваганца на имотот на Бен, двојката организираше пробна вечера во петокот, а во недела ќе бидат домаќини на ручек подготвен на скара.
На приемот во саботата навечер имаше музика во живо и огномет, пренесува магазинот „Пипл“. На настанот присуствуваа холивудски ѕвезди, меѓу кои Мет Дејмон со сопругата Луцијана, режисерот Кевин Смит со сопругата Џенифер и други.
Специјалниот ден на Џенифер и Бен доаѓа еден месец откако парот првпат го врза јазолот во Лас Вегас.