Туристичката агенција “ЈК Травел” демантираше дека корисниците на нивните аранжмани во Грција се надвор на улица, туку се во хотелот за кој имале уплатено.
“Ве информираме дека гостите кои се сместени во Хотел Олеа Гарден во Геракини се во своите соби и продолжуваат со својот одмор како што и првично имаа резервирано и уплатено. Станува збор за непроверена информација која произлезе од кратко недоразбирање. Во ниеден момент никој од нив не беше оставен на улица и не остана никој без сместување. Ова го тврдиме најодговорно”, соопштија од агенцијата.
“Сите гости остануваат во хотелот во кој имаа уплатено за својот одмор. Истото можат да го потврдат и гостите кои се сместени во горе неведениот сместувачки капацитет. И самиот хотел се очекува во најбрз временски период да испрати официјален допис со кој ќе ја демантира оваа невистина”, додадоа од “ЈК Травел”.
“ЈК Травел е агенција која постои 16 години, а задоволството на нашите клиенти секогаш било и ќе остане приоритет во нашето работење”, порачаа од агенцијата.
Македонските туристи преку допис до медиумите објавија дека се исфрлени од хотелот каде уплатиле за одмор во агенцијата ЈК Травел. Тие рекоа дека до утре мораат да го напуштат хотелот, иако платиле за до недела.