Советот на Европската Унија даде согласност за отворање на преговорите со Албанија и Северна Македонија, соопшти синоќа Петр Фиала, премиерот на Чешката Република, која претседава со Советот на ЕУ.
„Направивме важен чекор кон приближување на Западен Балкан до ЕУ. Тоа е голем успех на нашето претседателство“, напиша Фиала на Твитер.
Тој додаде дека ќе му биде чест денеска во Брисел да се сретне со лидерите на Северна Македонија и Албанија за да разговараат за следните чекори на патот на нивните земји кон ЕУ.
Чешкиот премиер им се заблагодари на францускиот претседател Емануел Макрон и на Франција, како претходен претседавач со Советот на ЕУ, за, како што нагласи, клучната улога во постигнувањето на овој успех.
Шефот на европската дипломатија, Жозеп Борел, за денеска најави почеток на пристапните преговори со Северна Македонија и Албанија, со оценка дека тоа е „историски момент“.