Ако животот во Германија ви е прескап, ако се плашите од смрзнување поради лошото греење во текот на зимата – дојдете во Грција, им порача на Германците грчкиот министер за туризам Василис Кикилијас.
Грчкиот министер за туризам Василис Кикилијас ги повика Германците да дојдат во Грција и таму да ја поминат зимата поради поскапувањето и неизвесноста околу снабдувањето со гас.
Во интервју за германски „Билд“, Кикилијас истакна дека на Грците би им било големо задоволство доколку во текот на есента и зимата ги угостуваат германските пензионери, кои би сакале да ја доживеат „медитеранската зима“, со грчко гостопримство, благото време и висококвалитетните услуги.
– Ве очекуваме да дојдете – рече Кикилијас.
Крит им бил препорачан на Германците како најдобро место за зима, со порака дека зимата на тој јужен остров трае само два месеци – со 10 топли денови.
Градоначалникот на Хања, главниот град на Крит, Панајотис Симандиракис, исто така, им посака добредојде на сите Германци кои би сакале да живеат во Грција – „далеку од кризата“.
– Хања е најдобрата дестинација за секој да ја помине кризната зима. Топли, пријателски расположени луѓе и можеби најдобрата клима во Европа во текот на целата година – рече Симандиракис.
Напоменува дека не им треба греење во текот на зимата.
– Ниту еден Германец нема да замрзне во Грција – рече Симандиракис.
Во интервју за „Билд“, агентот за недвижности Јанис Кријарас истакнува дека во Грција нема гасна криза и дека за сите заинтересирани Германци има многу станови и куќи кои можат да се изнајмат евтино во текот на зимата – од 300 евра месечно па нагоре.