Англичанец кој со години се борел со неизлечива болест и му останале „8 месеци живот“, наеднаш бил излечен. Сега открил какво е чувството да се ужива во втората шанса што му ја дал животот.
На Шон Гинис од Харогејт уште во 2011. година му бил дијагностициран меланом, кој успешно го отстрани со соодветна операција. Меѓутоа, години подоцна, тој почнал да чувствува болки во стомакот, а тестовите покажале дека болеста се вратила и се проширила на црниот дроб и цревата.
На овој ИТ експерт потоа му била извршена операција за отстранување на дел од тенкото црево, но лекарите потоа ја објавија страшната вест – дека му остануваат уште осум месеци живот.
И покрај ова, работите добиле изненадувачки пресврт, па сега овој 60-годишен маж ќе го оствари својот сон да ја испрати ќерка си до олтарот.
Тешката здравствена ситуација на Шон не ги натерала лекарите да се откажат од него. Тие му предложиле да се лекува со имунотерапија и лекови кои можат да помогнат да се пронајдат и убијат клетките на ракот.
Иако е индивидуално, тоа било тотален погодок за Шон. За неколку месеци, неверојатно, наодите покажале дека болеста се повлекува, а четири години подоцна – експертите го прогласиле за „чист од рак“.
Шон не крие колку е благодарен што му е дадена втора шанса за живот.
„Се чувствувам како најсреќниот човек на светот. Не сакам никакви награди, ниту добивки. Не сакам да добивам на лотарија. Всушност се чувствувам како да сум добил на лотарија многу пати”, рекол тој.
Тој додал дека тоа му значи многу бидејќи ќе биде со својата ќерка на денот на нејзината венчавка во август: „Ние сме многу блиски, а сега ќе можам да ја испратам до олтарот и да ја предадам на денот на нејзината венчавка. Тоа се работите за кои сонува секој татко“, изјавил Шон.
Кога дознал дека има помалку од една година живот, Шон вели дека преминал во „режим на преживување“.
„Почнав да преминувам во режим на преживување, кој обично е мешавина од гнев, очај и вкочанетост. Бев среќно оженет човек со две прекрасни деца. Со сопругата се подготвувавме за среќен живот. Тогаш ми се чинеше дека сè што имавме изградено ненадејно ни е одземено“, додал тој.
Со својата сопруга, Шон ги има 24-годишниот син Тео, кој неодамна дипломирал, и 28-годишната ќерка Амелија.
„Знам за луѓе кои ја започнаа оваа терапија и издржаа само првиот месец. Нивните тела едноставно ја отфрлија, а потоа умреа“, рекол Шон, заклучувајќи: „Мислам дека нема зборови за да се опише оваа количина на благодарност“.
Освен што бил сведок на важните животни моменти за кои фантазирал, г-дин Гинис сега е дел од програмата на Универзитетот во Оксфорд која ги истражува причините и лекување на меланомот.