Со насмевка на лицето, смирен, опуштен и во добро расположение, 30-годишниот македонски државјанин по поминати над 17-18 часа во морето, стапна на копно и со возило на брза помош беше пренесен во болница, откако спасувачките екипи го пронајдоа во морскиот дел југозападно од Касандра на Халкидики.
Веројатно е дека хеликоптерот што учествува во акцијата, го лоцирал исчезнатиот, по што бил информиран товарниот брод, што се наоѓал во близина и го спасил Македонецот, а потоа бил преземен од чамец на грчката крајбрежна служба.
На пристаништето беше пречекан со аплауз од присутните, но и од голем број новинарски екипи кои од вчера детално го следат случајот со исчезнатите македонски туристи.
Неговото име е Иван, објави веб медиумот Вориа, а успеал да се спаси по 18 часа минати во разбрануваното море затоа што бил физички подготвен и смирен.
-Пливал методично и систематски и успевал да се одржи и да лебди на водата за да се одмора повремено. Му помогнало што е физички добро подготвен. Сега е во болница и нема посериозни проблеми, но е под стрес и е дехидриран, изјавиала Анастасија Чалки, градоначалничка на Халкидики.
Градоначалничката на Касандра Анастасиа Халкиа за солунскиот информативен портал „Ворија” вели дека веројатно добрата физичка состојба и смиреноста биле пресудни што и по 18 часа во морето, останал жив.
На еден од чамците на спасувачките екипи, додека траеше потрагата беа и братот и таткото на спасениот, кои од Македонија пристигнале на Халкидики.
Акција и потрагата на грчката крајбрежна служба, на грчкиот спасувачки тим и спасувачи волонтери продолжуваат за пронаоѓање на последниот од тројцата исчезнат, односно 28- годишен македонски државјанин.