Откако медиумот „Сдк.мк“ објави дека Сашо Мијалков во процесот за случајот „Империја“ се спогодил со обвинителството, обвинителката Вилма Русковска изјави за МИА дека разговорите за спогодбата се во тек. „Детали во врска со спогодбата обвинителството ќе објави наскоро“, вели шефицата на на Јавното обвинителство за борба против организиран криминал и корупција.
Според информацијата на „Сдк.мк“, Мијалков е осуден на три години ефективен затвор откако денеска признал вина. Деновиве, судија за извршување на санкции треба да му даде упатен акт за во затвор, а на Мијалков му се конфискува недвижен имот од околу 30 милиони евра во корист на државата. Ќе му се конфискуваат и шест милиони евра готовина.
Од почетокот на месецов, на отслужување на едногодишната затворска казна за „Империја“ е Орце Камчев, кој исто така призна вина и се спогоди со Русковска.
Случајот „Империја“ се води од 2018 година против Јордан Камчев, Сашо Мијалков, Ненад Јосифовиќ, Цветан Панделески, Ратка Куноска-Камчева, Христина Камчева-Стојческа и уште седуммина други.
Тие се гонат поради основано сомнение за сторени кривични дела злосторничко здружување, оштетување или повластување на доверители, злоупотреба на службената положба и овластување, измама и перење пари и други приноси од казниво дело.