Руски бизнисмен мултимилионер е застрелан во неговата палата, последниот во низата елитни луѓе со врски со енергетскиот гигант „Гаспром“ што почина во последните месеци.
Јуриј Воронов (61), шеф на логистичка компанија која имала профитабилни договори со „Гаспром“ на Арктикот, бил пронајден мртов во неговиот дом во ултра богатото предградие на Санкт Петербург во понеделникот околу 14 часот.
Воронов бил пронајден како лебди во базенот со прострелна рана во главата, пиштол „гранд пауер“ во близината и неколку потрошени чаури на дното од базенот.
Рускиот истражен комитет ја истражува смртта на Воронов, која во моментов се припишува на „спор со деловните партнери“.
Неговата сопруга, наводно, им кажала на истражителите дека Воронов верувал дека „нечесните“ изведувачи и партнери го измамиле за „многу пари“.
Но, голем број на смртни случаи во други куќи во близина на Санкт Петербург доведоа до гласини за убиства кои се инсценирани за да изгледаат како самоубиства.
Александар Тјулаков (61), висок финансиски и безбедносен функционер на „Гаспром“, беше пронајден обесен во неговиот дом во ексклузивниот кварт Ленински од страна на љубовницата во февруари.
Инспекторите рекоа дека тој се самоубил, но локалните извештаи велат дека неговото тело покажувало знаци на тепање – што укажува на тоа дека бесењето било наместено.
Три недели претходно, во истиот станбен објект, 60-годишниот Леонид Шулман беше пронајден избоден до смрт во неговата бања.
Шулман беше шеф на транспортот во „Гаспром инвест“, филијала на енергетскиот гигант што се справува со неговите инвестициски проекти.
Милијардерот Александар Суботин (43), поранешен висок извршен директор во енергетскиот гигант „Лукоил“, исто така беше пронајден мртов во мај, откако „зел совет од шамани“.