Четириесет и седум повредени полициски службеници од кои 11 потешко, приведени 11 демонстранти и причинета материјална штета е епилогот од денешните протести против францускиот предлог.
Министерството за внатрешни работи доцна вечерва информира дека се повредени 47 полициски службеници од кои 11 потешко, а двајца имаат сериозни повреди. На сите повредени полициски службеници им е укажана лекарска помош, а потешко повредените се пренесени во медицинските установи за санирање на повредите и медицинска нега.
За време на протестот оштетени се и прозорците и фасадите на Владата, Собранието и Министерството за надворешни работи. Скршени се и 16 полициски штитови, повеќе заштитни полициски шлемови и радио-врски, а оштетено е и полициска куќарка пред Собранието и едно полициско возило.
– Констатирани се повеќе нарушувања на јавниот ред и мир од страна на демонстрантите, кои фрлаа со камења, јајца, железни предмети, бекатон плочки, молотови коктели, сообраќајни знаци, канти за ѓубре и пиротехнички средства, како кон објектите, така и кон полициските службеници кои вршеа службени дејства обезбедувајќи ги државните институции, се наведува во соопштението од МВР.
Оттаму информираат дека се приведени 11 демонстранти и дека за време на протестите од страна на полицијата не биле употребени пиротехнички, ниту хемиски средства за разбивање на толпата.
– МВР презема мерки за расчистување на случајот и апелира до организаторите на протестите и до граѓаните да покажат демократски капацитет, протестите да бидат мирни и демократски, да ги сочуваме редот, мирот и безбедноста. Преку насилство кон оние коишто го одржуваат редот, кон македонската полиција и објектите на институциите, не се постигнува ништо; дијалогот треба да се води во институциите на системот, велат од МВР.