По донесувањето на одлуката за ограничување на маржите за трговците, министерот за економија Крешник Бектеши, изјави дека мерката била донесена по консултации со Стопанските комори. Бектеши го повтори неговиот став дека е неетички во време на криза да се ставаат маржи од 15 проценти на одредени производи.
– Очекувавме дека според договорите со Стопанските комори компаниите веќе се навикнати на профитни маржи од 4 или 5 отсто. Но, во дел од трошоците – на масло за јадење на пример, 7-8 денари се плаќа за рабат кон супермаркетите. Сега Владата ја укина оваа можност и за супермаркетите и за увозниците. Побарав да се прават секојдневни контроли не само на заштитетните производи туку и на другите производи. За мене е злоупотреба синџирите на маркети да имаат профит од триесет отсто, вели министерот Бектеши во Утрински Брифинг.
Во вторник на седница на Владата ќе се усвои Предлог закон за заштита на потрошувачите каде казните ќе бидат многу високи за сите нечесни практики кои се на штета на потрошувачите. Според постојното законско решение казната може да дојде до 5.000 евра, а отсега казните нема да бидат само парична.
-Има компании кои заработуваат и по 80 отсто на одредени производи и им се исплатува да платат казна и да продолжат со истата нечесна практика. Сега веќе, со новото решение ќе се соочат и со друг тип на казни, ќе има затворање на компании, јавно ќе ги објавиме компаниите, а ќе има и забрана за вршење дејност, вели министерот Бектеши.