ПОРАДИ снимката од „црковната венчавка“ на словенечката пејачка објавена на социјалните мрежи, владиката од Мурска Собота ги забранил сите снимања во црквите кои немаат врска со вистински верски обреди.
На видеото се гледа црковната венчавка на пејачката Ника Зорјан, на која учесниците, меѓу кои и актерот свештеник, провокативно танцуваат пред олтарот и во дворот на црквата. Во еден момент „невестата“ веќе не е во венчаница во црква, туку во каубојски чизми и шорцеви. Сè е снимено во црквата Свети Никола во Мурска Собота, град во североисточна Словенија.
Епископот Питер Штампф рекол дека срамот е предизвикан од невнимание. Тој им се извинил на верниците и забранил секакво снимање во црквите и капелите во епархијата доколку тоа не е вистински верски обред
„Снимањето на ваква содржина во црковниот простор и објавувањето видеа на социјалните мрежи претставуваат нарушување на светоста на црковниот простор и неговата света намена“, изјавил владиката.
Дополнително, оваа содржина „шири негативни стереотипи за црквата како институција, ја исмева светоста на светата тајна брак, свештеничкиот позив и верата како важна вредност“, велат црковните власти на епархијата во североисточна Словенија.
Пејачката Ника Зорјан изјавила дека нема посебен коментар за реакцијата на владиката, но дека секој што сака да има став за споменатиот случај нека го погледне нејзиното видео.