Додека Европа и Русија се препукуваат околу руските енергенси кои се дел од санкциите што европските земји ѝ ги воведоа на Русија поради инвазијата врз Украина, Кина профитира со тоа што Пекинг сега купува повеќе руска нафта, а цената е пониска за 35 долари.
Со ембаргото за купување на руска нафта воведено од повеќето европски земји, Русија би можела да загуби 90% од извозот на нафта во ЕУ, но од другата страна на медалот е тоа што Кина го зголемува купувањето на руска нафта по пониски цени од оние што ги нуди конкуренцијата од Блискиот Исток или Африка, Европа и САД. На овој начин, освен што профитира, Кина ја пополнува и дупката на пазарот со којшто се соочи Путин кога западните купувачи се повлекоа од водењето бизнис со Русија.
Намерата на Кина е освен купувањето руска нафта по ниски цени за тековни потреби истовремено и да ги обнови стратешките резерви на сурова нафта користејќи го моментот на евтина руска нафта.
Според официјалните информации, Кина дневно увезувала околу 750.000 до 800.000 барели руска нафта. Но, податоците сега покажуваат дека овие количини во мај биле повисоки и од 1,1 милион барели дневно. Директна корист од шестиот пакет санкции од ЕУ кон Русија имаат неколку кинески компании, а на водечките две места се „Унипек“, која е трговска филијала на најголемата азиска рафинерија „Синопек“, и „Женхуа оил“, компанија која работи во рамките на кинескиот конгломерат „Норинко“.