Професионална преведувачка во Владата на Македонија, Стефанија Маџоски напиша интересен пост на Фејсбук околу својата професија.
“Усното преведување (толкување), без разлика дали е консекутивно, симултано или шушотаж (начин на преведување кога на секој делегат што учествува на состанокот му се доделува преведувач кој седи покрај него и му преведува со шепотење на уво), бара неверојатен фокус, посветеност и снаодливост. Кога станува збор за симултаното, дури мора и да се работи во пар (или во тројки), бидејќи концентрацијата сразмерно со тежината на работата паѓа исклучително брзо, па потребно е да се освежи силата во интервали од петнаесетина минути.
Сепак, и покрај тоа што толкувањето создава главоболки, тоа причинува необична радост. Ми доделува најразлични улоги и прилика секој пат да го проживеам искуството на некој друг.
Па, така сум била и премиер и претседател и спикер и пратеничка и министерка и офталмолог и менаџер и механичар и комесар и канцелар и амбасадорка и студент и позиција и опозиција и сум зборувала за пандемија и за ЕУ и за контактни леќи и за моторни масла и за крвав, а меден Балкан и за соларни панели и автомобилски компоненти и спецификите на кинеската кујна и сум славела членство во НАТО. Во мене се содржани сите знаења и вештини на овој свет, бидејќи во моментот кога ќе ја облечам наметката на толкувач, го преземам она „јас“ на говорникот, наглас ја артикулирам неговата тежина, замисленост, фрустрација, нервоза, восхит, разочарување, смеа; неретко, кога ситуацијата го дозволува тоа, ја поткрепувам неговата гестикулација, тон, го исполнувам детскиот сон, станувам актерка, за момент станувам некој друг.
И иако нашата професија диктира дека мора да стоиме настрана – името ни стои на првите страници од книгите, во горниот лев агол, со ситни букви, стоиме неупадливо облечени и ненаметливи на настани и во кабини, некогаш и цените ни се под нивото на достоинството – морам да кажам дека и тоа се менува.
И сигурна сум дека следните генерации веќе нема да стојат настрана, невидливи, освен таму каде што треба да бидат – меѓу двете страни на кои им помагаат да заборават дека не зборуваат ист јазик“, напиша Маџоска на Фејсбук.