Српскиот претседател Александар Вучиќ по разговорите со претставниците на Македонија и Албанија за развојот во рамките на иницијативата „Отворен Балкан“ извести дека се подготвуваат големи работи за граѓаните на трите земји.
– Отворен Балкан е најдобрата иницијатива за народите на Балканот. Подготвуваме големи работи за граѓаните на Србија, Албанија и Северна Македонија, напиша Вучиќ на Инстаграм.
Во Охрид на почетокот на следниот месец се очекува нов самит на „Отворен Балкан“. Премиерот на Црна Гора Дритан Абазовиќ вчера најави дека ќе присуствува, со што ги подгреа шпекулациите дека земјата ќе се приклучи на иницијативата.
Како што јави РТЦГ, Абазовиќ изјави дека се уште не слушнал валиден аргумент дека оваа регионална иницијатива не е добра за Црна Гора.
Тој вчера за новинарите истакна дека претставниците на Црна Гора како набљудувачи и претходно биле на самитите на иницијативата Отворен Балкан и оцени дека треба да се прифати секоја регионална иницијатива која би можела да ја забрза европската интеграција на земјата, нагласувајќи дека нема алтернатива за членството во Европската унија, пренесува РТЦГ.