Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров ја коментирал војната во Украина во најновото интервју.
„Знаеме дека нашите западни пријатели имаат многу фобии, многу комплекси. Тие имаат комплекс на супериорност, комплекс на непогрешливост, а верувам дека имаат и некоја параноја. Секој процес кој не го вклучува Западот, кој Западот не го контролира, тие го доживуваат како опозиција, предизвик за својата доминација“, рекол Сергеј Лавров во средата во интервју за „RT Arabic“, мислејќи на различни регионални економски интеграциони групи и организации во кои учествува Русија и додал дека е „крајно време да се отфрли оваа навика“.
Овие забелешки уследиле додека Лавров го бранел противењето на Москва кон САД и нејзините сојузници, кои Русија ги обвинува дека ја наметнуваат својата волја на другите нации со непријатни методи. Тежнеењето Русија да се казни со економски санкции и дипломатска изолација како одговор на нападот на Украина, во кои Вашингтон сака да го вмеша целиот свет, е најнов пример, рекол највисокиот руски дипломат.
„Дрскоста на англосаксонскиот сојуз нема граници и секој дена наоѓаме потврди за тоа. Западот секој ден праќа свои емисари во секоја престолнина без исклучок … да поставуваат ултиматуми и да уценуваат. Русија со задоволство гледа дека повеќето нации во Азија, Африка и Латинска Америка се спротивставуваат на притисоците“, рекол Лавров. „Тие нации не сакаат да го компромитираат своето национално достоинство и да трчаат наоколу како слуги кои вршат работи во име на Западот“, додал тој.
„Чувството на Западот дека има право да прави со светот што му одговара често има катастрофални последици. Тоа беше случај со Југославија во 90-тите, која беше уништена кога САД одлучија дека тоа е во нивен интерес, со Ирак во 2003-та година, кога САД користеа лажни изговори за инвазијата на таа земја, и со Либија во 2011-та година. Секако, имаше авторитарни режими и во Ирак и Либија, но таму немаше терористи. Немаше постојани борби и воени провокации“, истакнал рускиот министер.
„Тоа е менталитетот на западните држави. Веруваат дека нивната безбедност зависи од целиот свет и дека затоа треба да владеат со светот. Тековната криза во Украина произлегува од истата основна причина, а тоа е занемарување на руската национална безбедност од страна на Западот. Со децении едноставно ги игнорираа забелешките на Москва против ширењето на НАТО во Европа, туркајќи ја Москва кон воена операција за отстранување на заканата“, заклучил Лавров.
Русија ја нападнала Украина кон крајот на февруари, а Кремљ од тогаш барал Украина официјално да се прогласи за неутрална земја која никогаш нема да се приклучи кон НАТО.