Амбер Сторк е сè попопуларна Јутјуберка, чиј канал „Prepper Princess“ е фокусиран на финансиски совети, но само со една цел – како да потрошите што е можно помалку, а да заштедите повеќе пари.
Амбер ја напишала и книгата „Living on Almost Nothing“, во која открива како со години живеела под прагот на сиромаштијата и споделува практични совети за штедење.
Одвреме-навреме практикува некои екстремни методи на штедење и сака да потенцира дека не е сиромашна, туку дека живее полошо од сиромашните за да постигне некои поставени финансиски цели.
„Ги чувам сите непосакувани писма, за да можам да ги искористам за потпалување на оган“, признала таа.
Ја купила и најевтината куќа што можела да ја најде – на неа потрошила 67 илјади долари, а тоа е трошен дом за кој не купила ни нови работи.
„Целиот приход од продажбата на претходната куќа го земав, дел го потрошив на оваа куќа, а дел го вложив на берза непосредно пред да доживее голем подем. Имав среќа. Единственото нешто што го купив за куќата беше нова софа, кујнска маса и кревет“, вели Амбер.
„Бањата беше крајно запуштена, но не ја сменив, само добро ја исчистив, ги извадив и залепев плочките, а за тоа потрошив околу 40 долари. Кујната беше неупотреблива, но сама ја преуредив“, додава таа.
Експертката за штедење не дава многу пари и за облека – ги има само основните работи, а открила дека пижами за еден долар купува во ‘second hand’. Што се однесува до средствата за хигиена, таа го купува само она што ѝ е потребно и најевтино.
„Го купувам најевтиниот шампон од 88 центи и најевтиниот сапун и тоа е всушност сè што ми треба“.
Амбер штеди и на храна, често го бере и собира во природа она што може да го јаде, а обожава и евтини рецепти, па на каналот можете да најдете рецепти за кои е потребен само еден долар за подготовка! Инаку, таа тврди дека е можно да се преживее со 30 долари (1.700 денари) неделно, а снимила цело видео со инструкции за тоа.