Три мртви деца биле пронајдени во куќа во Лос Анџелес за време на викендот, а полицијата ги уапсила нивната мајка и еден тинејџер.
Полицијата одговорила во неделата наутро на пријава за насилство во станбена зграда во долината Сан Фернандо. Кога влегле во куќата нашле три деца кои не давале знаци на живот. Болничарите, кои набрзо пристигнале на местото на настанот, констатирале смрт на децата.
Полицијата соопштила дека децата (две момчиња и едно девојче) биле на возраст од осум до 12 години и дека мајката Анџела Флорес (38) била приведена како и 16-годишен тинејџер. Не се открива идентитетот на 16-годишникот, ниту неговата врска со семејството. Си-Би-Ес наведува дека тој бил брат на убиените деца.
„Флорес призна дека ги убила своите деца“, се вели во соопштението на полицијата, пренесува ABC News.
Засега не е познато како биле убиени децата, а полицијата само соопштила дека мајката е уапсена во врска со убиството на три деца, а тинејџерот за убиство на едно дете.
Присила Каналес, која живеела во близина на куќата во населбата Вест Хилс, каде што се случиле убиствата, им изјавила на новинарите дека слушнала жена како вика од соседната куќа во саботата навечер. Таа додаде дека кога мајката ја ставиле на носилки во неделата и ја извадиле од домот, таа се спротивставила и извикала: „Каде е мојата Библија“.