Дебора Џејмс (40), водителка на интернетските содржини на Би-би-си, откри дека го прекинала активното лекување за рак на дебелото црево во четвртиот стадиум и дека сега е на болничка нега дома.
Оваа 40-годишната мајка на две деца – Хуго (14) и Елиоз (12), редовно на Инстаграм информираше за текот на својата болест, пишуваше за борбата низ која поминува, а неодамна помина и низ најтешкиот период кога за малку ќе умрела во болница.
Тоа бил моментот кога Дебора одлучила да го прекине лекувањето и да се врати дома, да ги помине своите последни денови во топла семејна атмосфера.
Болеста првпат ѝ била дијагностицирана во 2016 година, а сега таа сподели со своите следбеници на Инстаграм дека нејзиното „тело едноставно не може да продолжи“, додавајќи дека „никој не знае колку ѝ останало“.
„Моето активно лекување престана и сега сум префрлена на болничка нега дома, со неверојатното семејство околу мене и фокусот е на тоа да не ме повредат и да поминувам време со нив. Никој не знае колку време ми преостанува, но јас не можам да одам, спијам повеќето денови и можам само да сонувам за работи кои досега ги земав здраво за готово. Знам дека направивме сѐ што можевме“, започнала Дебора.
„Во текот на повеќе од пет години пишување за тоа, мислев дека тоа ќе биде мојот последен Божиќ или дека нема да го прославам мојот 40-ти роденден или да ги гледам моите деца како одат во средно училиште… Всушност, никогаш не замислував дека ќе напишам објава во која навистина се збогувам. Мислам дека тоа беше еден вид бунтовничка надеж во мене“, продолжила таа. Дебора додала: „Но, дури и со сите иновативни лекови против рак или некое магично ново откритие, моето тело едноставно не може да продолжи понатаму“.