Владимир Путин во понеделникот седеше покриен со дебело ќебе над нозете на Црвениот плоштад во Москва, а на некои од гледачите на Парадата на победата им се причинило како да куца, пишува британско „Сонце“. Ќебенце на столчето го чекаше рускиот претседател, а иако беа покриени и други, далеку постари ветерани од Втората светска војна, се појавија шпекулации за здравјето на 69-годишниот Путин. Според нив, се претпоставува дека боледува од рак или од Паркинсонова болест, но официјална потврда за ниту едно од тврдењата нема.
– Ќебето е интересен детал. Всушност, редовно има гласини за лошата здравствена состојба на Путин, што Кремљ, се разбира, не ги признава – изјави поранешниот британски дипломат Тони Брентон за весникот.
– Оние кои разговараа со него,луѓето како францускиот претседател Емануел Макрон, изјавија дека имало помалку кохерентност отколку што беа навикнати да добиваат од него – продолжи Брентон.
– Значи, има причини за загриженост. Но, треба да бидеме внимателни – додаде тој.
Инаку, Мајк Картер, експерт за говор на телото, го гледал говорот на Путин и забележал три работи во односот на рускиот претседател, кои може да бидат знак на непријатност или болка. Картер кажал дека Путин дише многу плитко додека зборува.
„Го задржуваме здивот или дишеме на овој начин кога нешто физички или психички не е во ред“, изјавил Картер за „Мирор“.
„Неговото дишење беше многу плитко, што може да биде причина за некаква болка што ја трпи“, објаснил тој. Според Картер, лулањето на Путин напред-назад може да сигнализира анксиозност, но може да укаже и на здравствен проблем.
Тој исто така истакнал дека Путин стоел со раширени нозе во став на моќ, а таа положба, како што вели, може да го спречи да падне.
„Постојаното лулање може да биде здравствен проблем и тој е загрижен дека може да се преврти“, додал Картер.