“Македонски државјани поседуваат вкупно 55 имоти во Дубаи, вредни 14 милиони евра, покажува истражувањето на норвешката веб-страница Е24, базирана на „протечени“ документи за имотите на странци во блискоисточната метропола, објавено денеска.
Во документите е наведен бројот на сопствениците на луксузни вили, станови и фирми во Дубаи. Многумина од сопствениците на скапите имоти се луѓе кои во своите земји, но и пошироко, се барани за сериозен криминал, се вели во извештајот, изготвен со помош на стотици новинари, професори и истражувачи од цела Европа. Податоците и табелата со бројот на сопственици на имоти во Дубаи од сите земји се објавени од Центарот за напредни одбранбени студии од САД и се однесуваат на 2020 година.
Не е невообичаено, ниту незаконски странски државјани да поседуваат имот во Дубаи, но кога станува збор за „офшор“ инвестиции, тогаш работите се менуваат, се вели во извештајот. Според ова истражување, многу граѓани во светот купуваат имоти во Дубаи за да избегнат данок или да перат пари заработени на незаконски начин.
Косовски државјани, според извештајот, имаат „помалку од пет имоти“, кои се во сопственост на „помалку од петмина сопственици“, а вредноста е околу еден милион евра. 17 луѓе од Албанија во Дубаи имаат регистрирано 19 „офшор“ имоти со вкупна вредност од 7 милиони долари. Од соседните земји, Србија има најмногу имоти: вкупно 287. Тие се во сопственост на 237 сопственици, а вкупната вредност е 74 милиони евра.
Дубаи станува сѐ популарна дестинација за перење пари на балканските криминалци
Организираните криминалци од Западен Балкан, а особено од Албанија, сѐ повеќе ги користат Обединетите Арапски Емирати како засолниште за да се сокријат себеси и своите пари од органите на прогонот, откри неодамна Глобалната иницијатива за транснационален организиран криминал (GI-TOC) во својата нова анализа, пренесува албанскиот портал „Абц њуз“.
„Се чини дека нивната способност да останат во земјата е олеснета со купување недвижен имот и инвестирање во локалната економија“, велат од Организацијата.
„Земјата се покажа и привлечна за подземјето бидејќи до неодамна беше многу тешко да се екстрадираат бараните криминалци од оваа заливска држава. Тие се чувствуваат толку сигурни што често ги покануваат пријателите и семејството да им се придружат таму, притоа покажувајќи го своето непречено недозволено богатство“, се вели во анализата.
Познати се албанските личности од организираниот криминал, но тие не се единствените кои нашле засолниште во оваа држава. Во земјата се забележани крупни криминални фигури од Босна и Херцеговина, како што е Един Гачанин, водачот на озлогласениот картел „Тито и Дино“. Гачанин е наречен „европски Ескобар“ поради неговата улога во трговијата со кокаин по балканската рута и пласманот на профитабилните западноевропски пазари.
„Одлуката на балканските криминални босови да се преселат во ОАЕ е дел од поширок тренд“, велат од GI-TOC.
„Преселувањето на оддалечените пазари за перење приходи од криминал ја покажува зголемената софистицираност на балканските криминалци и е показател за тоа колку овие организации станаа флексибилни и бизнис-ориентирани. Агенциите за спроведување на законот треба да работат со Обединетите Арапски Емирати за да го решат ова прашање, вклучително и долгорочен пристап“, се вели во анализата. „Понатаму, треба да се направи повеќе за да се одговори на ризиците од враќање на парите од прекуокеанскиот криминал во кревката политичка економија на Западен Балкан“, додаваат од организацијата.