Поради санкциите воведени во пристаништето Зибриж во Белгија, речиси еден месец се паркирани повеќе од 8.000 нови луксузни автомобили.
Според медиумите, станува збор за луксузни автомобили кои на почетокот на април пристигнале по море од Азија и требало да бидат претоварени и транспортирани во Русија. Но, во меѓувреме се воведени построги санкции со кои се забранува извоз на возила вредни над 50.000 евра. Како резултат на тоа, многу скапи автомобили останаа заробени во Белгија.
Станува збор за серија луксузни модели, од американскиот Cadillac и јапонскиот Lexus, па сè до германските премиуми предводени од ,во Русија, особено посакуваниот Mercedes. Покрај автомобили, на пристаништето има и друга стока која останала заглавена поради санкциите. Досега се запрени околу 1.100 контејнери кон Русија, тврдат неименувани извори од управата на пристаништето.
Кога станува збор за автомобилите, се претпоставува дека тие ќе бидат префрлени на други пазари. „Автомобилите најверојатно ќе останат тука додека не најдат купувачи на други пазари. Не знаеме кои се купувачите во Русија или кои моментално ги поседуваат. Овде има место за 10.000 возила“, рече Марк Адриансенс, директор на претовар на пристаништето. Зибриж е едно од најголемите пристаништа за претовар и пренос на возила во Европа со годишен обрт од дури два милиони возила и паркинг простор за 210.000 возила.