Властите на Шангај во Кина, соочени со избувнувањето на нови случаи на Ковид-19, подигнаа мрежести огради пред некои станбени згради, што предизвика гнев во јавноста поради принудувањето на повеќето жители на 25-милионскиот град да останат дома, пишува „Ројтерс“.
Фотографиите, на кои се гледа како работници во бели заштитни костуми ги затвораат улиците и влегуваат во станбени згради со зелена ограда висока речиси два метри, се проширија на социјалните мрежи, предизвикувајќи прашања и поплаки од станарите.
„ Ова е кршење на правата на луѓето внатре да користат метални бариери за да ги затвораат како домашни животни“, рече еден корисник на социјалната платформа „Веибо“.
На едно видео се гледа како станарите им викаат на работниците од нивните балкони додека ја поставуваат оградата, кои потоа се предомислиле и ја тргнале. Други снимки покажуваат луѓе кои се обидуваат сами да ги урнат оградите.
Поголемиот дел од бариерите се чини дека се подигнати околу блокови наречени „затворени области“, кои се згради каде барем едно лице е позитивно тестирано за Ковид-19, така што на другите станари им беше забрането да ги напуштат своите домови.
Веднаш не беше јасно што ги натера властите да ги користат бариерите, но вчера локалната власт објави на интернет дека ќе воведе „строг карантин“ за некои области.
„Ројтерс“ не можеше веднаш да ја потврди автентичноста на фотографиите, видеата или објавите.