Генералниот директор на фабриката „Благој Ѓорев“ во Велес, Горан Лазов, денеска изјави дека цената на зејтинот ќе биде меѓу 2,20 – 2,40 евра или максимум 2,50 евра и оваа цена ќе се задржи, особено по празниците.
Како што истакнува Лазов, ќе има и доволно количини масло за јадење во маркетите.
„Не очекувам поскапувања. По празникот цената ќе се стабилизира и маркетите ќе бидат полни со масло за јадење. Нема потреба граѓаните да прават залиха, ќе има доволно зејтин на пазарот“, истакна Лазов по средбата со министрите за економија и за земјоделство, Крешник Бектеши и Љупчо Николовски кои ја посетија фабриката.
Лазов потенцира дека во Бугарија цената на зејтинот е 180 денари или шест лева, а во Грција околу четири евра.
Директорот нагласи дека има и доволно суровина. Во континуитет се вршат набавки од Бугарија.
Лазов изрази надеж дека на македонските земјоделски површини сончогледот повторно ќе се врати.
„Порано произведувавме околу 40 000 тони сончоглед, а лани откупивме помалку од 4 000 тони. Тоа е само 10 отсто од она што сме го имале како држава“, вели Лазов.
„Ако се зголемат површините, ќе го откупиме целото производство, нема да оставиме ниту едно зрно неоткупено“, заклучи директорот.