Очите на светската јавност периодов се свртени кон Владимир Путин. Медиумите пишуваат со кого се состанува тој, аналитичарите го предвидуваат неговиот следен потег, психолозите се обидуваат да „влезат“ во неговиот мозок…
Јавноста ја интересира неговата биографија, љубовен живот, безбедноста, што носи и што вози.
Ниту едно негово појавување не поминува незабележано, па така е воочено дека рускиот претседател уште од почетокот на војната во Украина постојано се појавува со ист часовник на раката.
„Путин има завидна колекција на часовници но откако започна војната во Украина, тој не го симнува од рака овој „Grande Date Aqua Lung“ од не’рѓосувачки челик. Станува збор за часовник од брендот „Blancpain“, најстариот бренд за луксузни часовници во светот, основан 1735 година. Часовникот буквално се здоби со огромна популарност преку ноќ, а побарувачката за истиот повеќекратно порасна“, вели Страхиња Џориќ, основач на Јутјуб каналот „Sat na ruci“ за српските медиуми.
„Моменталната цена на овој спортски модел кој е водоотпорен до 100 метри изнесува нешто повеќе од 10.000 долари. Рускиот претседател го поседува веќе долга низа години, а она што е карактеристично за него е што не сака „мејнстрим“ брендови“, вели Џориќ и додава дека токму овој модел е омилениот часовник на Путин.
„Иако поседува и далеку поскапи часовници како оној од колекцијата на германскиот произведувач „A. Lange & Sohne“, кој изнесува половина милион евра, би можело да се каже дека овој модел на „Blancpain“ му е сепак најдраг“, вели Страхиња.
Секогаш носи часовник на десната рака
Уште еден интересен податок во врска со Путин и неговите часовници е тоа што ги носи исклучиво на десната рака. Едни веруваат дека тоа има врска со џудо и древната кинеска медитација „фукури“, додека други сметаат дека со тоа сака да ја прикрие својата леворакост, а и самиот претседател зборувал за тоа, наведувајќи дека причината е исклучиво од практична природа:
„Носам часовници на десната рака бидејќи на тој начин не ми пречи копчето на механизмот за навивање. Тоа е единствената причина“, изјавил Путин во една прилика.