Жена, која е родена без раце, открила како се грижи за својата тригодишна ќерка, користејќи ги нозете за сѐ – од перење и облекување, па сѐ до готвење. Имено, Сара Талби е белгиска уметница, која научила да ги користи своите нозе да ги извршува сите домашни работи, но и да се грижи за своето дете.
Со оглед на тоа што е родена без раце, Сара морала да научи како да функционира во секојдневието. На пр., за да ја извади ќерка ѝ Лилија од креветчето, Сара ја научила малечката да ѝ ги става рачињата околу нејзиниот врат и потоа, со силата на целото тело, Сара ја дига Лилија и ја спушта на подот.
Што се однесува до готвењето, Сара седи на стол пред работната плоча и со едната нога го држи ножот, а со другата – зеленчукот.
Но, таа признала дека многу се плашела да не ја повреди ќерка си додека била новороденче.
Сара открила дека никогаш не планирала да зборува за својот личен живот на социјалните мрежи, каде што обично зборува за нејзината уметност, но почнала да го прави тоа откако некои од нејзините следбеници почнале да ѝ поставуваат прашања за тоа како таа и нејзиниот сопруг се грижат за малечката Лилија.
„Навистина е неверојатно што толку многу луѓе ме следат. Ми се допаѓа што денес физичката попреченост се прикажува во јавност и не се драматизира околу тоа. Сакам да им покажам на луѓето дека мојот живот е нормален како и нивниот. Мислам дека моите следбеници го разбираат тоа. Сепак, мојот и нивните животи не се толку различни“, изјавила Сара.
„Мојот инвалидитет не е табу и Лилија го разбира многу добро. Пријатно сум изненадена колку природно ѝ изгледа целата ситуација. Таа вели: ’Мама нема раце, но има нозе‘ или ’Некои луѓе имаат раце, а некои немаат‘. Таа само воочува дека постои мала разлика и тоа е сè“, споделила уметницата.
Иако секојдневно се соочува со предизвици, Сара вели дека нејзиниот сопруг многу ѝ помага.
„Јас не се грижам сама за ќерката – таа има прекрасен татко кој е вклучен во сите обврски“.
Како што раскажува уметницата, предизвиците ѝ биле поголеми во првите три месеци додека бебето било многу нежно.
„Многу ми беше страв дека ќе ја повредам, па нејзиниот татко завршуваше поголем дел од обврските. Ми беше особено тешко бидејќи како мајка сакав директна поврзаност. Никогаш не ми било проблем да побарам помош за што било, но барањето помош за моето дете не беше многу лесно. Но, од друга страна, барав помош од нејзиниот татко кој со задоволство се грижи за неа“, вели Сара.
Со текот на времето, на Сара ѝ станувало сѐ полесно да се грижи за ќерка ѝ.
„Кога наполни околу шест месеци, обврските беа полесни, но сепак ми требаше малку помош. Сега кога има три години можам сама да се грижам за неа без никаква помош. Можеме и сами да излегуваме од дома, а тоа е вистински благослов“, раскажала таа.
Сега Лилија има три години, па Сара без проблем може да се грижи за неа.