Владимир Жириновски, лидерот на Либерално-демократската партија на Русија (ЛДПР), почина по долго и тешко боледување, пренесува РИА Новости.
Веста за смртта на Жириновски ја соопшти претседателот на Државната дума на Русија, Вјачеслав Володин.
„По тешко и долго боледување почина Владимир Волфович Жириновски. Човек кој длабоко разбрал како функционира светот и предвидел многу – напиша Володин на својот канал Телеграм.
На крајот на минатиот месец неколку руски медиуми објавија вест дека Жириновски починал, повикувајќи се на информација што ја објави сенаторот Александар Пронјушкин на мрежата Телеграм. Пронјушкин подоцна ја избриша својата објава.
Жириновски беше хоспитализиран на 2 февруари поради ковид и оттогаш беше во болница. Подоцна, на 11 февруари, Министерството за здравство соопшти дека неговата состојба е оценета како стабилна, а од партиската прес-служба објавија дека Жириновски продолжил да работи од болницата и одржувал контакт со колегите пратеници.
Во интервју кон крајот на минатата година, Жириновски рече дека веќе примил осум вакцини против коронавирусот. Според него, тој се ревакцинирал на секои два месеци.