Вчера во раните утрински часови загина Марјан Мац Ѓоргиев, познат како навивачка ѕвезда на „Комити“ и „Сити парк бојс“.
Како што информира МВР, сообраќајката е пријавена во 05:50 часот, а во неа учествувале автомобил „голф“ со скопски регистарски ознаки, управуван од Б.О.(27) од Скопје и мопед „пежо“ со скопски регистарски ознаки, управуван од Г.Ц.(30) од Скопје.
Возачот на автомобилот, велат од МВР, го напуштил местото на настанот, но подоцна самиот се пријавил во Полициската станица Бит Пазар.
– По несреќата Г.Ц. и сопатникот од мопедот М.Ѓ.(50) од Скопје биле пренесени во Комплексот клиники „Мајка Тереза“ каде од страна на лекар на Г.Ц. му биле констатирани тешки телесни повреди, а М.Ѓ. околу 12.00 часот им подлегнал на повредите, информираат од Министерството.
Извршен бил увид од увидна екипа од СВР Скопје.
Од починатиот Мац-Црни вчера се простија „Комити“ и „Сити парк бојс“ кои наведоа дека загубиле навивачка супер ѕвезда.
-Ненадејно не напушти една навивачка супер ѕвезда, човек кој Западната трибината го памети уште од основањето на групата. Комити останаа без една навивачка икона, кој своевремено беше еден од оние кои ја основаа а потоа и предводеа групата, од времето на Сокол, заедно со него но и по него. Природен лидер, кој влеваше стравопочит кај оние кои само малку го познаваа. Оние кои го запознаа вистински, во него видоа голем другар, доследен на принципите, со Вардар во срцето до последниот ден од својот живот…
Градскиот асфалт го памети како еден силен човек, кој во својот животен век проживеа повеќе животи, култна личност кој остави трага која не може да биде избришана.
Карпош загуби една голема легенда и човек со срце планина. Ја победи смртта многу пати претходно, а замина онака како што живееше, онака како што судбината сакаше да биде…
Загина, но името твое нема да загине ! Загина, но нема да сме мирни додека душата твоја не биде слободна !
Комитски небесен копу, примете го со највисоки почести МАЦ – ЦРНИ, стои во објавата на Комити.
Погребот ќе биде одржан во вторник на градските гробишта во Бутел со почеток во 12:30 часот.