Не постојат причини и поводи за војна на Западен Балкан, изјавил во интервју за РТЦГ надворешнополитичкиот аналитичар од Загреб, Денис Авдагиќ.
„Сега, во овој момент, да се започне нешто на Западен Балкан, тој што се обидел на такво нешто сигурно нема да наиде на поддршка од населението, а би се покажало и за кого работи. Западот тоа нема да го дозволи, европските сили се во БиХ, Американците се на Косово“, вели Авдагиќ.
„Оние кои тука сакаат војна, можат само да ја започнат, а нема да стигнат ни да побегнат. Не знам дали има такви кои сакаат да ги унесреќат своите, за што и за кого“, вели тој.
Поради тоа на прашањето дали и која земја би можела да биде потенцијално идно жариште на Западен Балкан, тој без дилеми одговара.
„Црна гора ја штитат сојузниците. Напад на Црна Гора е напад на сите сојузници. Не се тајна влијанијата од Србија, па и тие од Русија. Вторите ги има и на други места. Секако, тука е специфичниот однос и специфичните врски пред се со Србија, но сите треба да имаат на ум дека Црна Гора одбра независност и пат кон Западот“, оценува Авдагиќ.
Тие кои сакаат поинаку, како што рекол, “тоа не смеат ни да го кажат бидејќи би ја изгубиле поддршката од граѓаните и политичката привлечност”.
„Тоа кажува се. Треба да се знае, Русија не сакаше пат на Украина кон НАТО, тука пукна се, тука тргна се на лошо. Тука нема друга желба освен желба за доминација, но така не се управува со светот“, вели Авдагиќ.
И додека се бара решение за мир во Украина, во медиумскиот простор веќе одамна се споменува трета светска војна. Авдагиќ смета дека ескалација на судирите надвор од границите на Украина, пред се на НАТО членките кои се граничат со таа земја, би значело глобална војна.
„Напад на членка на НАТО е Трета светска војна. Се надевам дека тоа не го сака никој, тоа руски рулет со куршум во цевката. Тој што ќе го започне, тој и ќе го изгуби. Цената ќе биде страотна, мора да има разум. На најголемата земја во светот не и се потребни територии. Ни земјите членки на НАТО не сакаат судир. Потребна ни е стабилна Русија. Русија во која имаме доверба“, наведува аналитичарот.