Украинка сакајќи да го изнесе сопругот преку граница, го сокрила во багажникот од автомобилот во кутија за играчки. 37 годишниот маж се сокрил во кутијата, а жената со двете деца се обидела да ја помине границата.
Граничната полиција го фатила на преминот Рососани со Молдавија. Автомобил полн со детски играчки им изгледал сомнително, а откако ги провериле документите за жената и децата, го прегледале багажникот. Таму нашле човек во кутија за играчки.
„Како што се испостави, сопругата се обидела да го пренесе таткото на нејзините деца преку граница. Граничарите не го пропуштиле патникот затоа што на мажите на возраст меѓу 18 и 60 години им е забранет премин“, соопшти Украинската гранична служба.
Против 37-годишникот е поднесена тужба за обид за неовластено преминување на државната граница, а ќе биде тужена и сопругата која се обидела нелегално да пренесе луѓе преку државната граница во Украина по член 332 од Кривичниот законик.
Што се однесува до забраната за напуштање на државата, постојат исклучоци како медицински причини, ако таткото се грижи за три или повеќе деца, ако сам одгледува дете, ако има дете со посебни потреби или ако посвоил дете. Две деца не спаѓаат во овие исклучоци.