Зоран Михајлов
-Луковски беше голем борец на теренот и не можеше да толерира местење на резултатот. Ако некој го стореше тоа, како Партизан и Борац на пример, тоа им се враќаше како бумеранг.
-Луковски и како тренер ги покажа своите квалитети, работејќи со сениорските екипи, а и со помладите категории што е негова сегашна преокупација
Кариерата на еден од најдобрите кошаркари во историјата на Работнички, Јанко Луковски, беше исполнета со многу интересни доживувања, за на крајот, кога конечно реши да прекине со активното играње, да продолжи со тренерската работа. Но до тие моменти кога заплови во тренерските води, имаше уште многу доживувања врзани со Работнички, кои секако се интересни за сите љубители на македонската кошарка. Од многуте настани, успеси и неостварени желби, ќе се задржам на неколку што беа навистина највпечатливи, што може да се види и од кажувањето на нашата кошаркарска легенда.
– Кога се работи за периодот од 1963 до 1974 година, кога во континуитет настапував за Работнички, во мојата меморија посебно место имаат пресметките со Борац и со Партизан. Тие дуели секогаш беа поврзани со нешто: или мечот ќе решаваше за опстанокот, средбите со Борац, или средбата ќе имаше маратонски тек со Партизан или, пак, од едниот или другиот тим ќе бевме „наместени“ во борбата за опстанок – вели Јанко Луковски.
За да ја поткрепи оваа теза Јанко Луковски го наведува примерот од првенството на Југославија во 1969 година. Во таа сезона, за сета спортска јавност беше јасно дека Партизан во последното коло му ги подари бодовите на Борац за тимот од Чачак да остане во елитното друштво.
– Исходот од овој дуел директно влијаеше на конечниот распоред на табелата, па, така, со тие два бода Борац се спаси, а ние, за жал, на многубројната армија навивачи моравме да се преселиме во понизок ранг – вели тој.
Но и од таквите моменти, кога се чувствуваш измамен, понекогаш излегуваш посилен. За ова има многу примери во спортот, па таков беше примерот и со КК Работнички. Скопјаните не можеa да го заборават она што им се случи и само го чекаа момент, како што вели народот, да вратат „мило за драго“. Не требаше долго да се чека и тој момент дојде. Работнички експресно се врати во елитата и повторно почна да им ги заплеткува сметките на прволигашите.
– Ништо не ми беше помило, откако на еден чудесен начин веќе во првата година од нашето враќање му се реванширавме на Партизан. Не, дека средбата со нас на белградскиот тим му значеше нешто, туку таа ни даде шанса да го понижиме пред неговите гледачи. Игравме како во транс, просто летавме по теренот и полека го отворавме патот кон победата. Лечиќ почувствува дека нешто гори во нас и на последниот тајмаут ни рече „на крајот немојте да се радувате на победата, достоинствено поздравете се со противничките кошаркари без некој претеран излив на радост, како победата да е нешто нормално!“ И навистина беше така, победивме, но изостана онаа радост на теренот, што за една ваква ситуација кога се совладува противник како Партизан беше невообичаено. Гледачите беа зачудени, дури и навредени, зашто нашето однесување го сфатија како потценување кон нивниот миленик. Но, кога влеговме во ходникот и се упативме кон соблекувалната тоа беше лудница. Не да се израдувавме, туку скокавме од радост – се сеќава Луковски.
Ете и ова беше една од смислените работи на Лечиќ, по што беше препознатлив, интересен и прифатен од кошаркарскиот и воопшто спортскиот свет. Тој секогаш беше подготвен да изведе некој штос, знаеше дека тоа публиката го сака. Ова не случајно го споменувам, зашто подоцна кога и Јанко Луковски почна да се занимава со тренерската работа и тој имаше многу слични манири, како неговиот учител.
СО ТРИ ВОЗА ДО ЗАДАР
Во првите години од прволигашкиот живот Работнички живееше скромно и не се луксузираше како другите тимови од елитното друштво, кои најчесто патуваа со авион, потоа се сместуваа во репрезентативни хотели и слично. Работнички не беше оптоварен со тоа. Тој, за разлика од другите, бидејќи финансиските можности беа такви, секогаш скромно се однесуваше. За него беше од исклучително значење што при патувањата ги користеше оние бесплатни, гратис-билети за воз, зашто тој беше железничарски клуб. Така барем нешто се заштедуваше. Дури подоцна, откако се подобри финансиската состојба, Работнички почна да се однесува и да живее како другите прволигаши. Меѓутоа, до тој поубав и покомфорен период помина многу време во кое некои патувања беа вистинско малтретирање. Таков беше случајот и со „историското“ маратонско патување до Задар.
– Навистина Задар беше кошаркарски центар, тука поникна и една од најголемите ѕвезди, не само на југословенската, туку и на светската кошарка легендарниот Крешимир Ќосиќ, но конекциите со овој прекрасен приморски град беа многу лоши. Така, се случи, кога одевме на натпреварот во Задар да смениме три воза, да ја пресечеме цела Југославија за да стигнеме до местото на пресметката. За приказната за патешествието да биде комплетна, и тоа не беше сѐ, со третиот воз стигнавме само до станицата Перковац, и денеска убаво се сеќавам на неа и на нејзиното име, а оттука патот го продолживме со „мерцедеси“ обезбедени од домаќините, кои беа мала утеха за уморот што го чувствувавме – продолжува Луковски.
Ова беше само една од многуте епизоди што ја следеа кариерата на Јанко Луковски и на неговите другари.
– Незаборавни ќе останат и мечевите со Југопластика, која во тој период, 1971 година, стана европски вицешампион предводена од Рато Тврдиќ и од Петар Сканси, потоа и оние средби со Црвена звезда на која капитен ѝ беше Владимир Цветковиќ или двата пораза од Борац, кога на кормилото на чачанскиот тим беше Лазар Лечиќ. Игравме со вистински кошаркарски мајстори, кои во 1970 година ја освоија и светската титула во Љубљана. Овој шампионат ќе го паметам и по тоа што благодарејќи на него се изгради и салата во Градскиот парк, каде што се играа натпреварите од групата Ц на СП, која потоа стана и наш дом – вели Луковски.
Јанко Луковски и денеска жали што Работнички не се издигна уште повисоко.
– Бевме хендикепирани што немавме високи играчи. Нашите центри одвај стигнуваа до два метра, што не беше случај со другите екипи. Тука ја гледам главната причина што не одлетавме повисоко – вели Луковски.
УСПЕШЕН И КАКО ТРЕНЕР
Јанко Луковски до 1974 година беше во Работнички, за потоа, во следните две години по покана од својот клупски другар Стерули Андоновски, да го засили Скопје (денешниот МЗТ). Подоцна повторно да се врати во старото јато и да ја заврши кариерата во 1979 година.
– Кога почувствував дека ми причинува тешкотија во соблекувалната да се наведнам за да ги заврзам патиките, си реков тука треба да биде крајот – ја завршува својата приказна за играчката кариера Јанко Луковски.
Веднаш потоа ја продолжува онаа новата за тренерската кариера.
– Знаев дека кошарката е мојот живот и не можев лесно да се одделам од неа. Затоа решив да ја пробам среќата во тренерската работа. И не зажалив, зашто и понатаму останав со мојата голема спортска љубов – вели тој.
Јанко Луковски стана тренер на Работнички, потоа на Спартак од Суботица и на Војводина од Нови Сад. Највисоки дострели му беа освојувањето на третото место во Југославија и учествата во две финалиња на Купот.
– Сега, заедно со целото семејство имаме сопствена кошаркарска школа во Нови Сад. Тука е и мојот син Драган, кој беше успешен кошаркар и настапувајќи за репрезентацијата на СР Југославија има освоено златен медал на СП 1998 и бронзен медал на ЕП 1999. Во школата имаме талентирани момчиња, кои полека стасуваат, а генерација од 17-18 години за малку ќе станеше и член на Суперлигата. Во Нови Сад имам одлични услови, имам две сали, така што преку целиот ден е врволица од деца – вели Луковски.
Митко одличен дефанзивец
За својот брат Митко, со кој долги години играше во Работнички, Јанко вели дека тој бил еден од најдобрите дефанзивци во Македонија.
– Во извршувањето на одбранбените задачи Митко беше незаменлив. Покрај него тешко можеше да се помине. Често, иако многу незабележителен во играта, зашто гледачите најмногу се одушевуваа на оние што постигнуваа кошеви, тој беше творец на победите – вели Јанко.
Тројка од аут
Јанко Луковски и како тренер беше многу темпераментен.
– Сакав публиката да ужива, ама некои од судиите не го разбираа тоа. Така, на една средба, кога ја водев Војводина, една топка дојде до мене. Јас ја фатив и судијата помисли дека ќе му ја подадам за да му ја даде на некој од играчите, да ја уфрли во игра. Но наместо тоа, застанав покрај аут-линијата, се наместив за шут, ја упатив топката кон кошот и погодив тројка. Судијата се налути и ми досуди техничка грешка. Ова наиде на свирежи кај гледачите, кои мене, пак, ме наградија со аплауз – вели Луковски.
Судијата на грб
На една средба судијата Љуца очигледно судеше против мојата екипа. Јас се изнервирав и се свртев со грб кон теренот, како да ја врзувам врвката од чевелот и тоа во моментите кога судијата покрај аут-линијата трчаше наназад. Нормално, не можеше да ме забележи, па, така, налета на мене и во следниот миг веќе беше на грб, на мое задоволство, а и на гледачите. Тој не сфати дека тоа го сторив намерно, зашто навистина веќе не можев да ги толерирам неговите судиски неправди, вели Луковски.