На традиционалната свеченост, денеска во Скопје, Атлетската федерација на Македонија ги прогласи најдобрите атлетичари, тренери и клубови во минатата сезона.
Признанија им беа доделени на оние што поставија нови државни рекорди.Меѓу рекордерите почесно место зазема маратонката Адријана Поп Арсова од клубот „Делта“.Таа трипати го уриваше рекордот во маратонско трчање,потоа на 10.000 метри на патека и на истата дистанца во трчање на пат.Дарио Ивановски од АК „Работнички“ е двоен рекоредр на 3.000 метри на отворено и во сала.Во рекордерската листа се запиша и младиот фрлач на диск Ѓорѓи Илов од АК„Тивеш“ од Кавадарци.Тој во младинска конкуренција двапати го уриваше републичкиот рекорд. Рекордерки станаа и младите атлетичарки на клубот „Лирија“: А.Хајдари,Азири,И.Хајдари и Незири кои го подобрија рекордот во штафетата 400-300-200-100 метри. Списокот на рекордерите завршува со Трајче Михов од АК „Велес“ кој за 24 часа претрча 230 километри.
Меѓу наградените беше и маратонецот Кокан Ајановски, кој на Балканскиот шампионат во маратонско трчање на 42.195 метри во Лимасол (Кипар) го освои бронзениот медал.
Во конкуренција на помлади пионери и пионерки за најуспешни беа прогласени Владимир Битољану (Работнички) и Сара Османовска (7 Мај),кај постарите пионери трофеите отидоа кај Адриан Исмаили (Студенти) и Гала Урдаревска (Работнички).Меѓу младинките најуспешни беа Јана Митовска (Работнички),Бесијана Мустафа (Лирија),Ајше Халили (Студенти),а кај младинците Наско Стаменов и Милан Вељковиќ (Куманово).
Во сениорска конкуренција сите почести им припаднаа на атлетичарите на Работнички Дрита Ислами и Дарио Ивановски,кои беа учесници на најголемите светски атлетски приредби.Ивановски беше учесник во финалната трка на 1.500 метри на Медитеранските игри во Тарагона – 10 место, а е регионален победник на полумаратоните во Белград и во Скопје.
За најдобри тренери се прогласени Александра Војнеска-Зикова(Работнички) и Филип Колевски (Куманово).Кумановчани беа прогласени и за најдобри во екипна конкуренција.
На крајот од свеченоста за значаен придонес во развојот на атлетскиот спорт беа доделени и сребрените значки од Европската атлетска федерација. Добитници на ова значајно признание беа Соња Мицеска-Михајлоска( АК 3 Ноември од Прилеп),поранешна македонска шампионка во трчање на средни и долги патеки и проф. д-р. Беџет Точи од АК Студенти од Тетово.