На вчерашен ден, пред 68 години во Битола е роден Горан Стефановски. Пријателството помеѓу починатиот драмски писател, професор и академик и македонската фудбалска легенда Ѓорѓи Христов датира уште од 1999 година.
“ Се сеќавам како сега да беше, со Горан прв пат се сретнавме во 1999 година на летот за Лондон. Јас тогаш играв за Барнсли и нормално, главна тема беше фудбалот. После тоа често се дружевме во Лондон, одевме на кафе, на ручек и секогаш имавме интересни теми на разговор. Впрочем, од таква генијална личност и друго не може да се очекува“ се присетува Христов и додава:
„ Горан беше светски човек. Имаше широк дијапазон на гледишта, една умерена личност, на која секој збор и беше на место. Беше голем мераклија за фудбал, не сум сигурен дали навиваше за Тотенхем или за Арсенал, знам само дека беше клуб од Северен Лондон. Се сеќавам во тој период ме нападнаа англиските новинари дека сум изјавил “англиските девојки биле грди“, а изјавата беше извадена од контекст. Горан тогаш пишуваше колумни во “Утрински весник“ и во дел од нив ме бранеше. Сакам да кажам, со смртта на Горан Стефановски Македонија загуби голем човек, вистински амбасадор на македонската култура – се жалење изјави македонската фудбалска легенда Ѓорѓи Христов.
Инаку, Горан Стефановски почина на 27 ноември 2018 година, во Кентербери, Англија. Автор е на триесетина драмски текстови меѓу кои „Јане Задрогаз“, „Диво месо“, „Лет во место“, „Хај-Фај“, „Дупло дно“, „Тетовирани души“, „Црна дупка“, „Демонот од Дебар Маало“ итн. Беше дел од тимот што ја создаде легендарната ТВ серија „Бушава азбука“. Стефановски беше професор на Факултетот за драмски уметности во Скопје и член на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ). Добитник е на голем број домашни и меѓународни награди и признанија. Т. Зографски