Додека Украинците ширум земјата собираа стаклени шишиња за да направат молотови коктели и се вооружуваа за да се спротивстават на рускиот напад, Павло Серветник се упатил кон кујната.
Последниве две недели, откако Русите извршија инвазија, тој едвај спие, работејќи по 20 часа на ден за да ги нахрани луѓето во окупираниот Керсон, јавува Си-Ен-Ен.
Секој ден, овој 28-годишник пече илјадници лебови, ги товари во својот камион или автомобил и вози низ напуштените улици, доставувајќи им ги на луѓето кои се повеќе се отсечени од надворешните резерви на храна. Овој град со речиси 300.000 жители е под руска окупација.
Керсон беше првиот голем град што падна во руски раце од почетокот на војната. Како што руската брутална инвазија на Украина влегува во третата недела, борбата за опстанок се интензивира низ целата земја.
Основните залихи се при крај, температурите паѓаат, а неколку градови се под опсада и под силен оган од руската артилерија. Обединети против заедничкиот непријател, Украинците наоѓаат начини да се спротивстават и без оружје.
„Сè ме боли, ме болат зглобовите и не можам да ја отворам вратата. Затоа е тешко“, изјави Серветник за Си-Ен-Ен во вторникот, откако помина часови и часови печејќи леб.
Пред војната, Серветник бил успешен готвач, го освоил украинскиот „MasterChef“ во 2019 година и водел пицерија во Керсон. Но, на 24 февруари Русите ја нападнаа Украина и неговиот живот се променил.
„Немаше леб, имаше колапс“, вели Серветник.
Додека Русите ја гранатираа неговата земја, Серветник и неговиот партнер отишле до куќата на неговите родители во село на периферијата на Керсон, очајни да избегаат од Украина.
„Влезете во автомобилот, да одиме некаде“, им рекол тој на своите родители. Но, неговите родители, кои биле сведоци на други турбулентни периоди во нивниот живот, само се смееле: “Каде би бегале? Кој не чека таму? Русите ќе бидат тука наскоро, ни велат ова е Русија сега и ние ќе продолжиме да живееме овде.”
Така Серветник решил да остане и да се спротивстави. Многу пекари од Керсон или избегале или се сокриле, па Серветник ја претворил својата пицерија во пекара и почнал да пече илјадници лебови. За да нахрани повеќе луѓе, тој се поврзал и со други пекари и го дистрибуирал нивниот леб.
„Не побегнавме, не заминавме, но почнавме да ги спасуваме луѓето колку што можевме“, објаснува Серветник.
Деновите на Серветник почнуваат во зори, со товарење на леб печен во неговиот ресторан или индустриска пекара во камион. Најчесто доставува бесплатно во домовите незгружени деца и стари лица на периферијата на градот. Потоа се враќа да пече леб од пладне до доцна навечер.
Патиштата се практично празни откако руските сили го зазедоа градот на 2-ри март. Градоначалникот Ихор Кољаев на 5 март изјави дека руските сили се „населиле“ во пристанишниот град и не покажале намера да го напуштат.
Руските окупатори минатиот викенд наидоа на силен отпор, а неколку стотици жители излегоа на улиците во знак на протест, пркосејќи ѝ на руската армија. На снимката од неделните демонстрации, една постара жена пркосно погледна во објективот на камерата и тивко рече: „Спасете ја нашата земја! Нека умрат сите, заедно со Путин“.
Но, повеќето жители или побегнале или останале дома, плашејќи се од средби со руски војници кои поставија контролни пунктови низ градот.
Секое возење со кое Серветник доставува леб носи ризик, но без неговите испораки луѓето веројатно би останале гладни. Тој проценува дека нему и на неговите партнери во продавницата им остануваат состојки за уште околу две недели и не знае што ќе се случи потоа.
Неговиот рецепт за „победнички леб“ ги содржи само основните работи – тој е направен од брашно, квасец, вода и сол. Тој е поддржан и од донатори од целиот свет кои му помагаат на неговиот тим да ги покрие трошоците.
Неговиот леб стана спас за жителите на Херсон и им значи повеќе од храна.
Во Украина, како и во другите источноевропски земји, лебот има културно значење и претставува повеќе од храна.
„Во Украина мирисот на свежо печената кора од леб има посебно значење бидејќи така се пече уште од античко време“, вели Серветник.
Дури и ако Русите ја окупираат украинската земја, нема да можат да го придобијат украинскиот народ, додава Украинецот.
На прашањето за што се борат Украинците, тој одговара: „Подобро прашајте ги Русите за тоа. Ние се бориме за нашата земја, за нашата слобода“.
Тој размислувал да земе оружје и да се бори со Русите, додека не слушнал звук на пукање од тенк во близина на прозорецот од неговата куќа.
Тој бил преплашен: “Тогаш сфатив дека ќе се замрзнам и ќе умрам ако отидам на бојното поле и слушнам звук на тенк. Сфатив дека секој треба да си ја работи својата работа. Армијата да се бори, а пекарите да печат леб и помагај на луѓе.”