Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ) денеска одржува седница на која треба да бидат вкалкулирани новите изменети акцизи и стапки на ДДВ и да биде донесена одлука за намалување на цените на горивата. Новите цени, како што информираа од РКЕ, ќе важат од вечер на полноќ.
Претседателот на РКЕ Марко Билсимовски за „СДК“, изјави дека согласно усвоените измени на законите за ДДВ и акцизи, цената на бензините ќе се намали за 6,5 денари, а на дизелот за 9 денари.
Собранието доцна синоќа едногласно по скратена постапка ги донесе Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за данокот на додадена вредност и Предлогот на закон за дополнување на Законот за акцизите. Владата, пак, врз основа на прифатените измени и дополнувања во Законот за акцизи во Собранието, донесе Одлука за определување на видот на енергенсите, временскиот период, како и начинот на пресметка на акцизата, соопшти владината прес-служба.
Со оваа одлука се овозможува да се пресметува дополнително намалување на акцизата кај безоловниот бензин, гасното масло како погонско гориво и гасното масло како гориво за греење во зависност од движењето, односно од висината на зголемувањето на цената на овие енергенти на светските берзи.
Владата донесе и Одлука за определување на видот на добрата и временскиот период на примена на повластена стапка на данокот на додадена вредност. Оваа одлука овозможува да се примени повластена даночна стапка која изнесува 10%, врз прометот и увозот на енергенти, за определен временски период во определени услови.