Д-р Никола Пановски информира дека сега е релаксирана состојбата со тешки ковид-случаи.
-Ќе ни запре стопанството ако сите одат во изолација. Јас сум против сертификатите како мерка. Не е убаво здравите луѓе да ги спречуваме да се движат. Приоритет треба да биде вакцинацијата. Младите имаат прележано. Стотина пати е поризично за мене како постар да влезам во кафеаните и рестораните, вели Пановски во гостување на „Клан дебата“ за тоа кон што треба да се насочи Министерството за здравство за уште поголемо намалување на ковид-бројките.
Докторот вели дека не се плаши од диско-клубовите во моментов кога ќе се соберат 500 луѓе.
-Сите млади се таму, во текот на целиот ден се гледаат. Сега треба ризичните групи да ги заштитиме. За маските во училиштата сметам дека полека треба да ги симнуваме. Добро е што Комисијата за заразни болести оди постепено, не може се одеднаш да се укине. Мора да се види една мерка, па како ќе иде понатака. За последно би го оставил укинувањето на маските во јавниот превоз и маските во продавниците, – рече д-р Пановски.