Министерката за одбрана на Македонија, Славјанка Петровска вчера беше во официјална посета на Велика Британија, каде што наместо македонската химна, на министерката и беше отсвирена македонската песна „Јовано, Јованке“.
– Огромна чест е кога на церемонијата за пречек, британскиот воен оркестар ја изведува нашата „Јовано, Јованке“. Благодарам за честа до мојот британски колега, Бен Валас. Сојузниците се посилни заедно. #StrongerTogether, – објави Петровска на својот официјален профил на Фејсбук.
Во прилог на објавата Петровска објавува и видео од вчерашниот настан, кој предизвика бурни реакции кај Македонците поради замената на македонската химна со инструментална изведба на народна песна.