Поранешната министерка за надворешни работи на Австрија, Карин Кнајсел на чија свадба и гостуваше Владимир Путин, вели дека животот и бил уништен поради блискоста со претседателот на Русија.
Кнајсел за германски RTL изјави дека се смета себеси за „политички бегалец“ бидејќи морала да ја напушти Австрија поради де факто постоечката забрана за работа поради нејзиниот однос со Путин.
– Морав да трчам. Не си заминав доброволно – го објасни преселбата во едно француско село.
Таа рече дека не можела да замисли дека ќе мора да се откаже од се што изградила.
Поради блискоста со Путин, додава таа, никој не сака да ја вработи.
Имено, Кнајсел во 2018 година беше на насловните страници на медиумите ширум светот, откако лично Путин дојде на нејзината свадба. Кнајсел вели дека не жали што го поканила Путин на свадбата.
Рекла и дека не сака да ја напушти работата во руски „Роснефт“, иако е под голем притисок.
„Мојот живот е веќе уништен“, рече Кнајсел, додавајќи дека не сака да се дистанцира од Путин.
Како што пишува виенскиот весник „Прес“, поранешната шефица на австриската дипломатија ја загубила позицијата во австриското друштво за политички и стратегиски студии „Сратег“, каде што била прв потпретседател.
Таа наводно поднела оставка од функцијата во компанијата финансирана од австриското Министерство за одбрана.
„Прес“ наведува дека таа не поднела доброволна оставка, туку неколку пензионирани генерали побарале Друштвото да се „ослободи“ од Кнајсел.