Холивудскиот глумец и режисер Шон Пен, кој до неодамна беше во Украина каде што снима документарец, го даде своето прво интервју откако ја напушти земјата.
Пен го даде своето прво интервју по заминувањето од Украина за Си-Ен-Ен, а во интервјуто со Андерсон Купер го пофали украинскиот претседател Володимир Зеленски, со кого се сретнал еден ден пред инвазијата и на денот на инвазијата, за неговата храброст и достоинство.
„Јасно беше дека сум во присуство на нешто… Тоа беше нешто ново за современиот свет во смисла на храброст, достоинство и љубов. Тоа беше извонреден момент. Начинот на кој ја обедини таа земја. Бев импресиониран и трогнат од него но и преплашен и за Украина“, рекол актерот и ги повикал гледачите да и помогнат на Украина.
Тој додал дека неговата непрофитна група, Community Organized Relief Effort (CORE), прави се што може за да им помогне на луѓето во Украина и да дистрибуира средства за хигиена, да им даде на бегалците финансиска помош и вода. Тој, исто така, рекол дека животите на Украинците се фундаментално променети и дека тие сега живеат во мрачна „нова реалност“.
„Многу луѓе, многу од нив богати, ги напуштија своите работни места и банкарските сметки, тоа е нивната нова реалност сега“, рекол Пен, кој бил пофален од канцеларијата на претседателот Володимир Зеленски што дошол во Украина за да му ја каже вистината на светот, и додал дека мисли дека Владимир Путин нема толку брзо да се повлече.
Инаку, Шон Пен со месеци работеше на документарен филм за тензиите меѓу Русија и Украина, и лично допатува во Украина пред руската инвазија.
"It was clear I was in the presence of something — and again, I think reflective of so many Ukrainians — that was new, that was new to the modern world in terms of courage and dignity" – @SeanPenn, actor and co-founder of @CoreResponse, on meeting Ukrainian President Zelensky. pic.twitter.com/AM6rRQmhl3
— CNN (@CNN) March 5, 2022