Тројца спортисти го загубија животот во одбрана од руската инвазија, пишуваат украинските медиуми. Станува збор за младиот биатлонец Јевхен Малишев и двајцата фудбалери Виталиј Сапил и Дмитриј Мартиненко.
Малишев, 19-годишен биатлонец, беше член на јуниорската репрезентација на Украина, а го загуби животот во Харков, кој во последните денови беше силно гранатиран. Најмалку 21 лице загина, а дури 112 се повредени во нападот на вториот по големина украински град.
-Хероите никогаш не умираат, напишаа на социјалните мрежи неговите колеги од репрезентацијата.
Талентираниот Малишев ја прекина професионалната кариера за да се вклучи во одбраната на Украина од руската агресија.
Освен него, животот го загубија и двајца фудбалери. Сапило (21) го облече дресот на младиот тим Капарти, а го загуби животот на 25 февруари во одбраната на Киев.
Мартиненко (25), пак, кој бил член на ФК Гостомела го загубил животот при ракетен напад во кој загинале тој и неговата мајка.
-Нашите мисли се со семејствата, пријателите и соиграчите на младите украински фудбалери Виталиј Сапил и Дмитриј Мартиненко, првите пријавени фудбалери убиени во оваа војна. Почивајте во мир, соопшти ФИФПРО, светската асоцијација на професионални фудбалери.
Инаку, бројни познати спортисти се приклучија на одбраната на Украина од руската агресија. Меѓу нив е и Олександр Усик, светскиот боксерски шампион, но има и двајца поранешни светски шампиони во бокс, браќата Владимир и Виталиј Кличко.
Браќата Кличко се на црната листа од 24 лица кои Русите сакаат да ги ликвидираат, а за таа цел рускиот претседател Владимир Путин наводно испратил 400 платеници во Украина, пишува британски „Би-Би-Си“.
Покрај боксерите, во одбраната се приклучи и тенисерот Сергеј Стаховски. Тој пред само два месеци настапи на Австралија опен, а пред само неколку дена се приклучи во резервниот состав на украинската армија.