Инструктор чиј падобран не се отворил загинал при скок со падобран, соопшти падобранскиот центар Skydive од Хјустон, Тексас во САД.
„Скајдајв Хјустон и целата заедница за падобранство длабоко жалат за загубата на нашиот инструктор и пријател“, соопшти вчера „Скајдајв Хјустон“.
Трој Гидри, шериф на округот Валер, изјави за Си-Ен-Ен дека клиентка и инструкторот извршиле заеднички скок со истиот падобран во близина на градот Валер, северозападно од Хјустон, во саботата попладне, и дека „падобранот не се отворил“.
Тој додаде дека и двајцата биле пренесени во болница во Хјустон и дека жената е во критична состојба. Причината за несреќата се истражува.