Посетата на претседателот Стево Пендаровски на семејството на Ембла Адеми, како и основното училиште „Единство”, каде Ембла ја следи наставата, ја објави и светската позната ТВ Си-Ен-Ен, со наслов: „11-годишно девојче со Даунов синдром било малтретирано, поради што претседателот на нејзината земја ја одведе на училиште“.
Во текстот стои дека Пендаровски разговарал со родителите на Ембла за предизвиците со кои таа и нејзиното семејство се соочуваат на дневна основа, фокусирајќи се на можностите за нивно надминување.
-Претседателот рече дека е неприфатливо однесувањето на оние кои ги загрозуваат правата на децата, особено кога станува збор за деца со нетипичен развој“. Тие не само што треба да ги уживаат правата што ги заслужуваат, туку и да се чувствуваат рамноправни и добредојдени во училишните клупи и училишниот двор. Тоа е наша обврска, како држава, но и како поединци, а клучен елемент во оваа заедничка мисија е емпатијата, го пренесува Си-Ен-Ен соопштението од Кабинетот на Пендаровски при посетата на семејството.
ТВ мрежата пишува дека претседателот му однел подароци на девојчето.
Пендаровски при посетата додаде дека ресорните министерства и надлежните институции имаат законска, но и морална обврска да овозможат инклузивно образование, во кое главниот фокус ќе биде развивање вештини и способности кај децата со различен развоен процес, нагласувајќи ја потребата од сензибилизирање на јавноста по овие прашања.
11-годишната Ембла која има Даунов Синдром беше изолирана да учи сама со асистентката во одвоена слабо загреана просторија, поради неприфаќањето од родители на други деца.