Д-р мед.сци. Маја Милованчева-Поповска
интернист-нефролог
ПЗУ Промедика Медикал Центар
Се проценува дека секој десетти човек во одреден период од животот ќе има камен во бубрегот. Каменчињата се три пати почести кај мажите отколку кај жените. Болести како што се висок крвен притисок, дијабетес и дебелина може да го зголемат ризикот за бубрежни каменчиња.
Бубрежните каменчиња се цврсти тела создадени од солите и минералите во урината. Урината содржи различни растворени отпадни материи. Кога има многу отпадни материи во мал волумен на урина почнуваат да се формираат кристали. Кристалите привлекуваат други елементи кои се таложат на нив и заедно формираат каменчиња кои потоа може да растат. Кога има доволно течност овие хемикалии се елиминираат преку бубрезите со урината и се спречува формирање на каменчиња. Хемикалии кои формираат каменчиња се калциум, оксалати, урати, фосфати, цистин, ксантин.
Можни причини за создавање на каменчиња се мал внес на течности, храна богата со сол и шеќери, дебелина, операции за дигестивниот систем (за слабеење, на желудник, премостување на црева),фамилијарна историја.
Има четири главни типови на каменчиња:
– калциум оксалат – најчест тип, се создава кога калциумот се комбинира со оксалати во урината, кога има неадекватен внес на калциум и течности.
– урична киселина – храна богата со пурини (месо, морска храна, храна што содржи квасец/пиво), има тенденција да оди по фамилии
– струвитни – предизвикани се од инфекција во горните уринарни патишта
– цистински – ретки се, одат по фамилии, постои генетско пореметување.
Некои каменчиња се мали колку зрнце песок, други се поголеми како леќа, грав, бисер, други како пинг понг топче.
Многу малите каменчиња може да не предизвикаат никакви симптоми и не се детектираат. Поголемите каменчиња може да предизвикаат еден или повеќе симптоми:
– силна болка во една страна на грбот, во слабината
– болка која се јавува и поминува, во напади
– болка која пропагира кон напред во стомакот и надоле кон препоните
– препотување
– треска и температура
– болка при мокрење
– крв во урината
– матна урина со непријатен мирис
– уринарна инфекција
– гадење или повраќање.
Откако ќе се формира каменчето може да остане во бубрегот или да тргне да се движи во уретерот, канал кој го поврзува бубрегот со мочниот меур и со урината да се исфрли надвор од телото. На својот пат каменчето може да се заглави било каде во уринарниот тракт и да ја блокира урината да не може да се исфрли. Оваа состојба може да биде многу болна. Застојот на урина може да доведе и до развој на уринарна инфекција.
Каменчињата предизвикуваат болка кога ќе се придвижат и водат до иритација или кога ќе го блокираат истекувањето на урината. Болката е силна и одеднаш се јавува. Некогаш мали каменчиња излегуваат со урината без да предизвикаат многу болка. Во повеќето случаи малите каменчиња поминуваат без да прдизвикаат оштетување.