После речиси 6 недели, дојдовме до споредбени податоци за морталитетот на невакцинираните и вакцинираните. За жал, МЗ повеќе не дава споредбени податоци за инциденцата на заразувањето кај невакцинираните и вакцинираните, но уште пред еден месец утврдивме дека помеѓу овие две инциденци повеќе нема разлика, односно во време на Омикрон сојот ефективноста на вакцините против заразување е практично нула. Сепак, како што ќе видиме подолу, ефективноста против смртен исход, иако поднамалена, сé уште добро се држи на околу 85%, пишува во својата ковид анализа проф. Дејан Трајковски.
Тој вели дека последниве две недели е започнато да расте (иако не значително) учеството на вакцинираните кај починатите постари од 60 години (виолетовата линија на првиот дијаграм).
-Математички гледано, сé уште нема потреба од масовна вакцинација со трета, четврта и т.н. доза (освен евентуално за имунокомпромитираните). Во меѓувреме голем процент од населението прележало ковид, па заедно со вакциналниот, стекнало и подолгорочен хибриден имунитет („суперимунитет“).Секако, подобро би било да не дојдевме до таквиот суперимунитет преку заразување на неподготвени (невакцинирани) лица и умирање на огромен број луѓе поради дозволувањето непречено ширење на заразата, но што е – тука е, времето и луѓето не можеме да ги вратиме назад. Успешните земји се разликуваат од неуспешните според многу показатели, а стратегијата за борба против ковид е еден од нив, пишува Трајковски.