Британската кралица Елизабета Втора во саботата, по повод 70-годишнината од нејзиното устоличување, рече дека би сакала војвотката од Корнвол, Камила Паркер, да ја добие титулата кралица кога принцот Чарлс ќе стане крал.
Во пораката по повод 70-годишнината од нејзиното владеење, кралицата вели дека нејзина „искрена желба“ е Камила да ја добие таа титула, пренесе Би-Би-Си. Пораката на кралицата, по повод годишнината од нејзиното доаѓање на тронот во 1952 година, директно се однесува на нерешеното прашање за идната титула на војвотката од Корнвол, пишува Би-Би-Си.
„И кога мојот син Чарлс ќе стане крал, знам дека ќе му ја дадете и нему и на неговата сопруга Камила истата поддршка што ми ја дадовте мене. Моја искрена желба е кога ќе дојде тоа време, Камила да биде позната како сопруга кралица“, напиша кралицата Елизабета. Вообичаената процедура е војвотката Камила автоматски да стане кралица доколку Чарлс стане крал, но поради јавното мислење се сугерираше дека Камила би можела да ја добие титулата „сопруга принцеза“, што беше официјална позиција кога принцот Чарлс се ожени со Камила во 2005 година.
Кралицата Елизабета денеска ќе стане првиот британски монарх кој ќе ја прослави платинестата годишнина од нејзиното доаѓање на тронот.