ВАША ОРДИНАЦИЈА: Промени во усната празнина по губење заб

by Тони Зографски

Д-р Ели Андонова, сопственик на ПЗУ „Дорабела естетик“

 

Интактно (целосно) забало е предуслов за здрав и функционален  џвакален апарат. Човекот има  вкупно 32 заби (28 без осмиците)  во горната и долната вилица кои се во меѓусебен специфичен однос и хармонија. Таа хармонија е предуслов за правилно функционирање, џвакање па и изглед.

Забите во вилицата се држат меѓусебно, со своето присуство и меѓусебниот контакт со соседниот преку контактните точки. На тој начин си го осигуруваат своето место и позиција во вилицата. Нивната врска во коската е со многу лигаменти, спојки, крвни садови кои под дејство на притисок се поместуваат. Ова значи дека  нивната позиција не е цврста и трајна, туку е подложна на промени и поместувања и токму поради тоа со губење на само еден заб целата оваа хармонија се нарушува.

Промените кои се случуваат по губење на само еден заб се следните:

 

  1. Коската на местото каде е изваден забот пропаѓа, и под дејство на храна и притисокот од џвакањето дополнително се ресорбира (разјадува).
  2. Поради губење на забот отежнато е џвакањето на таа страна, а при тоа дополнително се оптоварува спротивната (контралатерална страна).
  3. Соседните заби кои го ограничуваат просторот каде е изваден забот се навалуваат(инклинираат) спрема празниот простор, бидејќи забот кој ги придржувал повеќе го нема.
  4. Поради навалувањето на овие заби се прават слепи простори каде храната се задржува подолго. Отежнато е нормалното самочистење и многу често на овие места се јавува кариес.
  5. Спротивниот заб (антагонистот) или се движи кон долу, ако недостасува заб од долната вилица или се качува кон горе (ако недостасува заб од горната вилица) и со тоа ја изместува својата позиција.
  6. Како резултат на сите овие промени се намалува висината на долната третина на лицето, се отежнува и пореметува џвакањето, а со тоа се појавуваат болки во темпоромандибуларниот зглоб. Тие понатаму повлекуваат појава на силни главоболки.

 

Сето ова укажува на фактот дека, губењето  на само еден заб предизвикува огромни промени и дисбаланс во целиот мастикаторен (џвакален) систем. Иако на овој момент се гледа многу наивно , последиците се огромни и трајни.

Навременото санирање на забите е услов за нивно зачувување во устата. Редовните контроли и посети кај вашиот стоматолог се обврзни и треба да се наш стил на живот. Сите процедури по губењето на забите кои се применуваат, се далеку потешки и финансиски многу повеќе оптоваруваат. Најдобриот лек за оралното здравје е превентивата – одржување на оралната хигиена, грижата за сопственото здравје и редовно одење на стоматолог.

останати вести