До конечната одлука на судот, Новак Ѓоковиќ нема да биде депортиран од Австралија. Најдобриот светски тенисер, вечерва во 22 часот по средно-европско време, со своите адвокати ќе има разговор со надлежните во министерството за имиграција.
Обвинителот, побара, по тој разговор, Ѓоковиќ да биде притворен, најверојатно во истиот хотел за мигранти, во кој веќе мина пет дена.
Сепак, како што реши судијата Ентони Кели, Ѓоковиќ, во периодот до состанокот во министерството за имиграција ќе биде во „притвор“ во канцелариите на неговите адвокати, а и по тој состанок, до новото појавување пред судот, тој ќе остане под нивни надзор.
На истиот кат да бидат двајца државни служебници, кои ќе следат дали тој ги следи правилата одредени од судот.
Според адвокатскиот тим на Ѓоковиќ, префрлувањето во притвор ќе предизвика нов медиумски циркус.
Во текот на сослушувањето, адвокатот на Ѓоковиќ, потенцирал дека причините кои ги навел министерот, кога му ја укинал визата на неговиот клиент, се различни од оние на граничната полиција.
Тој навел дека министерот се согласил дека Ѓоковиќ го почитувал законот, дека претставува минимална закана по здравјето на другите и дека има медицинска потврда да не се вакцинира. Вели дека единствената причина за одлуката да му се укине визата на Ѓоковиќ е стравот од „потенцијалното возбудување во заедницата која се противи на вакцинацијата“.