Бојан Христовски е именуван за в.д. директор на ЈП „Градски паркинг“. Тој е магистер на науки на факултетот за безбедност, при Универзитетот „Св. Климент Охридски“, а во својата струка има поминато повеќе меѓународни обуки. Христовски од 2006 година има работно искуство во Министерството за внатрешни работи, каде бил на повеќе раководни позиции.
„Во животот добив уште еден нов предизвик, од денеска почнувам да го водам Јавното Претпријатие Градски Паркинг – Скопје. По долгогодишните голготи приредени од актуелната извршна власт и покрај бројните домашни и меѓународни признанија и обуки, ја напуштам службата и продолжувам да им служам на граѓаните како директор на најголемото претпријатие за паркинзи во државава“, порача Христовски на својот Фејсбук профил каде се заблагодари за довербата.
Рече дека професионално ќе работи на решавање на хаосот со паркирањето во Скопје.
„П.С. Пријатели, роднини, колеги и познананици, барајте ме за кафе или за дружење во секое време после работните обврски. Ве молам да не ми се јавувате доколку вашиот автомобил биде блокиран со шепа или кренат од пајак. Правилата и законите треба подеднакво да важат за сите, а особено за оние кои ми се мене блиски, тоа е она што ќе ви го кажам доколку побарате протекција. Јавно ги повикувам вработените во ЈП Градски Паркинг дека треба да стават шепа и на мојот автомобил доколку немам пратено СМС порака!“, дециден е новоизбраниот директор на „Градски паркинг“.