Брзата помош превезла седум повредени патници кои успеале да се спасат од автобусот што изгоре на автопатот „Струма“, објави синоќа бугарската телевизија БНТ.
Од Брзата помош објавија видео снимено само 10 минути по сигналот за несреќата.
– Првото нешто што го видовме беше пожар на патот. Не знаевме што е. Тогаш го видовме запалениот автобус. Беше многу топло, поминав покрај него. Прозорците ми беа отворени, се плашев да не експлодираме додека поминуваме – вели возачот на Брзата помош Павел Музиски.
Минута подоцна, пристигнале уште 2 амбулантни возила. Со едно од нив биле префрлени одеднаш четворица преживеани.
Последен бил пренесен во болница човекот кој успеал да го скрши прозорецот.
– За време на превозот ми кажа дека седел на задното седиште во автобусот. Слушнал силен тресок и автобусот почнал да гори. Тој со ногата го скршил стаклото, веројатно така и се повредил и скокнал низ прозорецот. За цело време на транспортот плачеше и го бараше синот кој седел на предното седиште, но телефонот ѕвонеше слободно – сведочи едно медицинско лице од Брзата помош.
Веднаш по тоа екипите од амбулантските возила се вратиле кон автобусот со надеж дека има и други преживеани.
-Сликата беше ужасна – тие се обидуваа да излезат. Да не беше пожарот, мислам дека немаше да има загинати од несреќата, -вели доктор Валери Симеонов.
Откако ги пренеле повредените, возилата на Брзата помош потоа ги пренеле и загинатите патници.