Влатка Гракалиќ, поранешна пејачка на групата „Сребрени крила“, почина вчера во Норвешка на 48-годишна возраст, откако пред само еден месец дознала дека боледува од рак на матката, потврди за „Вечерњи лист“ сестрата на Влатка, Маја.
– Да, за жал Влатка почина вчера, 31 октомври 2021 година, по кратко и тешко боледување. Збогувањето ќе биде тивко во најтесниот круг на семејството. Семејството бара мир и разбирање во овие најтешки моменти – изјави Маја Гракалиќ.
Влатка на пошироката јавност ѝ е позната како пејачка на „Сребрени крила“ од 1994 до 2000 година. Таа во групата дојде по заминувањето на Влатка Покос, а со нив ги отпеа големите хитови „Љубовта е сѐ за луѓето“ и „О, колку лудо се чувствувам“. По смртта на фронтменот на „Сребрени крила“, Мустафа Исмаиловски Муц, таа се посвети на својата соло кариера и во 2008 година настапила на „Дора“ со песната „Кажи ми“.
– По смртта на колегата Муц решив да ја напуштам Хрватска и прифатив еден ангажман. Работев како пејачка во кавер бенд на Мајорка – изјавила Влатка пред неколку години за „Инмагазин“. Бидејќи во тоа време била во врска со Муц, неговата смрт тешко ја погодила.
Набргу по кариерата во Шпанија, Влатка се вљубила и се омажила. Таа се преселила во Осло од каде потекнува нејзиниот сопруг и родила две деца.
– Во Осло живеам мирен, семеен живот. Сè уште се занимавам со музика, отсекогаш сум го правела тоа, само ја сменив државата – изјавила тогаш Влатка.